Со пензионерите разговараа службеници од Отсекот за превенција при СВР Штип и од Полициската станица Берово, со цел да ја подигнат свеста за препознавање и спречување телефонски измами. Ги предупредија да не веруваат на непроверени информации и повици со барање за итна исплата, ниту да споделуваат лични податоци и банкарски информации со непознати. Сомнителните повици и обидите за измама треба веднаш да ги пријават во најблиската полициска станица или на 192 и 112.
Препознавањето опасност и начините за барање помош беа тема и во СОТУ „Ѓоце Стојчески“ во Тетово. Службеници од СВР Тетово денеска одржаа предавање за препознавање, пријавување и превенција на семејното насилство, со цел младите да ги препознаваат неговите различни форми и да ја познаваат улогата на институциите во заштитата на жртвите.
Преку мултимедијална презентација и разговор, учениците беа запознаени со физичкото, психолошкото, економското и сексуалното насилство, нивните последици и можностите за пријавување во полицијата, Центарот за социјална работа и училишните служби. Предавањето ја опфати правната заштита во Македонија, вклучувајќи ги Кривичниот законик и Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство. Беше објаснето и значењето на Истанбулската конвенција како меѓународен стандард за спречување насилство, заштита на жртвите и казнување на сторителите. Учениците добија летоци со пораката „Има помош за живот без насилство“.
Во СОУ „Јане Сандански“ во Штип, учениците од прва и втора година денеска имаа предавање за зависности. Службеници од Отсекот за превенција и Одделението за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Штип, заедно со претставници на Црвениот крст во Штип, преку презентација ги објаснија влијанијата на никотинот, алкохолот, дрогата и игрите на среќа, како и законските одредби за прекршоци поврзани со нив.
Сообраќајната едукација на средношколците ги опфати и идните возачи. Во СОУ „Н.Н. Борче“ во Пробиштип, службеници од локалното Полициско одделение за безбедност на патниот сообраќај денеска го одржаа предавањето „Учам, полагам, возам“ за трета и четврта година. Учениците беа запознаени со сообраќајните правила и прописи, одговорноста на учесниците, значењето на одредени сообраќајни знаци и правилното однесување во сообраќајот.
Во СОУ „Коста Сусинов“ во Радовиш, службеници од СВР Струмица – ОВР Радовиш вчера им ги претставија на учениците од четврта година условите за стекнување право за полагање возачки испит и постапката за добивање возачка дозвола. На предавањето „Учам – полагам – возам“ зборуваа и за должностите што учениците ќе ги имаат како возачи откако ќе го положат испитот.
За најмладите, Отсекот за превенција при СВР Битола денеска одржа работилница „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“ во градинката „Колибри“ во Битола. За време на активноста беа поделени материјали со едукативна содржина.
На улиците во Штип, службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај денеска им делеа едукативни летоци на пешаците во активноста „Одговорно пред пешачки премин“. Во централното градско подрачје на Свети Николе, сообраќајната полиција се сретна со возачи и ги потсети дека зимската опрема во возилата е задолжителна од 15 ноември. На повеќе места беа поделени летоци под мотото „Биди подготвен за безбедно патување во зима“, со цел поголема безбедност во сообраќајот.
Во Делчево, сообраќајната полиција денеска подели едукативни летоци по повод Светскиот ден за сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди, кој се одбележува секоја година во третата недела од ноември. Кампањата се одржа под мотото „Патиштата си имаат своја приказна – Кажи стоп за смртта на патиштата“, со цел спречување ризично однесување во сообраќајот што може да има фатални последици.
Во селата Саса и Моштица, во Општина Македонска Каменица, вчера се одржаа средби за спречување незаконит лов. Службеници од Полициското одделение за граничен надзор Македонска Каменица при Регионалниот центар за гранични работи Исток ги информираа ловците и жителите за последиците од неконтролиран лов на дивеч и носење оружје без дозвола. Разговараа и за одредбите од законите за оружјето, за ловство и за гранична контрола, а ги запознаа присутните и со телефонските броеви 192 и 112.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.