Според Штерјова, Росица пријавувала насилство и барала помош од 21 февруари до 15 септември 2025 година, речиси седум месеци, а имало и судски мерки за нејзина заштита. Таа праша зошто со одговорност не се опфатени командирите, началниците и раководителите во тој период.
Штерјова оцени дека обичните полицајци не можеле сами да ги држат пријавите и извештаите во фиока. Ако се виновни девет полицајци, рече таа, покрај нивната поединечна одговорност се отвора и прашањето дали системот не функционира или намерно штити одредени поединци.
Од Обвинителството побара да ја испита целата линија на одговорност, од службениците што постапувале по пријавите, преку локалното раководство, до министерот. Притоа се повика на јавно изнесени наводи дека Росица му испратила порака на Тошковски на неговиот телефон со барање за помош и побара таа комуникација да се обезбеди и да се провери.
Штерјова праша и зошто Тошковски не ги разрешил раководителите, командирот или началникот, обвинувајќи дека се штитат кадри на ВМРО. Постапувањето го оцени како неказнивост и заштита на партиските раководни структури, а системот го опиша како партиска контрола што работи по наредби одозгора.
Критиките ги изнесе во контекст на фемициди, насилство врз жени и убиства, наведувајќи ги и случаите со Биљана од Богданци, Рамајана од Шуто Оризари, Ивана и нејзината ќерка од Скопје и Сара од Охрид. Се повика и на информации и сведоштва за наводна полициска бруталност врз 15-годишно момче од Охрид.
Штерјова дополнително ја обвини ВМРО дека се занимава со заташкување и заштита на свои луѓе и дека преку кампања и притисоци се обидува да ги запре протестите во земјата.






Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.