Лекарите се обвинети за тешки дела против здравјето на луѓето, според член 217 став 4 во врска со член 207 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Предлогот се однесува на лекувањето на пациентката на Одделот за интерни болести во периодот од 28 мај до 4 јуни 2024 година.
Според обвинителниот предлог, пациентката дошла во болницата по преглед и упат од матичниот лекар, кој изразил сомнение за тромбофлебитис, односно воспаление на вените. По почетниот преглед, без целосна анамнеза и детални анализи, ѝ бил дијагностициран ревматоиден артритис, добила терапија и била пуштена дома.
Обвинителството наведува дека тромбозата не била навреме откриена и дека не била преземена соодветна терапија. Според предлогот, така била пропуштена реална можност за навремено откривање и лекување на тромботичниот процес, за спречување или ограничување на неговото напредување и на последователното влошување на состојбата.
На 1 јуни 2024 година пациентката повторно се јавила во болницата со силни болки во стомакот и влошена општа состојба, по што била хоспитализирана. Во следните четири дена, и покрај абнормалните лабораториски и биохемиски вредности, ниту еден од дежурните лекари не презел дополнителни дијагностички испитувања за да се утврдат причините и соодветната терапија, се наведува во предлогот.
Попладнето на 4 јуни пациентката побарала медицинска помош во приватна клиника во Скопје и била примена во тешка општа состојба. При итна операција била утврдена тромбоза на горната и долната мезентерична артерија и целосна гангрена на тенкото и дебелото црево. Состојбата била неоперабилна, а пациентката починала на 5 јуни 2024 година.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.