Во дигиталното здравство се финализира Стратегијата за периодот 2027–2031, усогласена со Европскиот простор за здравствени податоци (ЕХДС). Клековски потсети дека стратегија за дигитално здравство била барана трипати, во 2023, 2024 и 2025 година.
За планирањето на кадарот и задржувањето на младите лекари, министерот наведе „300 + 300 специјализанти во јавниот систем“. Развојот на здравствениот кадар, заедно со дигиталното здравство, е меѓу приоритетите што ги претстави на панелот.
На таа листа се и превенција што го повикува пациентот наместо да го чека, пристап до лекови и петгодишно планирање со простор за прилагодување. „Приоритет е само она што има носител, рок и показател. Сѐ друго е листа на желби“, порача Клековски.
Овие приоритети ги поврза со три глобални промени за кои оцени дека најсилно ќе се одразат врз земјата: новите трендови и фармацевтската регулатива на ЕУ, кои го менуваат начинот на кој лековите стигнуваат до малите пазари; податоците и вештачката интелигенција, за кои го посочи Европскиот простор за здравствени податоци како веќе поставен стандард; и демографијата. Според него, клучното прашање е кои од овие промени мала држава може да ги искористи, а не само да ги претрпи.
Клековски потсети и на минатогодишниот договор на истата конференција следната година да се разговара за направеното, а не за намерите. Рече дека на панелот се осврнал и на она што сѐ уште не е направено и што мора да се следи.
Во панелот учествуваа и Златко Перински од Фондот за здравствено осигурување, Викторија Мехаџиска од „Зегин“, Ричард Џонс од „Lenis Group“ и Мадс Вегерби Лаустен од „Novo“. Разговорот го водеше Валентина Митрова, а проф. д-р Коен Кас имаше клучно обраќање насловено „Секој број раскажува приказна“.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.