Тренчевска ја обвини власта на Мицкоски дека ги довела во ризик пензиските заштеди на повеќе од 650.000 граѓани, наведувајќи ги сите родени по 1 јануари 1967 година кои се во вториот пензиски столб. Таа посочи дека станува збор за пари што работниците секој месец ги издвојуваат од платите за да обезбедат сигурна и достоинствена пензија по завршувањето на работниот век.
Според Тренчевска, префрлањето на средствата не зависи од волјата на Мицкоски, туку е законска обврска на директорот на Фондот за пензиско осигурување, со рок од пет дена. СДСМ бара парите веднаш да бидат префрлени во вториот столб.
Таа обвини дека власта го довела Фондот за ПИОМ до сериозна финансиска неодржливост и дека финансиската дупка во него ја зголемила на една милијарда евра. Тренчевска тврдеше и дека власта ја ограбила државната каса преку криминални тендери, ја задолжила државата со милијарди евра нови долгови, а сега посегнува и по личните пари на граѓаните.
Во критиката за трошењето на јавните пари, Тренчевска рече дека нема средства за работниците, пензионерите и земјоделците, ниту за повисока минимална плата и повисок студентски оброк, додека, според неа, пари има само за криминалните тендери на власта.






Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.