Според Мојсоска, Климовски го склучил анексот на 13 јуни 2025 година со истата фирма со која тогашниот директор Перпарим Бајрами потпишал договор во 2023 година. Таа ја обвини ВМРО-ДПМНЕ за лицемерие, посочувајќи дека партијата сега го продолжува договорот што го осудувала додека била во опозиција.
МДД СОФТ ја застапува Денчо Димитров Ганев, за кого Мојсоска наведе дека има деловни врски со бугарскиот коцкарски магнат Васил Бошков. Според нејзините наводи, против Бошков во Бугарија се воделе истраги и постапки за низа тешки кривични дела.
Пратеничката потсети дека вицепремиерот Изет Меџити во септември 2024 година најавил укинување на „Мегавин“, обвинувајќи ја претходната власт за криминално партнерство со бугарската коцкарска мафија. Таа посочи дека платформата и натаму работи, а новиот Закон за игрите на среќа е одложен до 2028 година. Според неа, со тоа Владата му остава уште две години за профит на коцкарскиот бизнис, на штета на семејствата и иднината на младите.
Мојсоска ги оспори и исплатите преку „Мегавин“, наведувајќи го случајот со корисникот под псевдонимот „Нострадамус“. Според нејзините наводи, тој во еден ден остварил 178 добивки на онлајн покер и заработил 10 милиони евра. Таа отвори и прашање за хонорар од 140.000 евра што Климовски го добивал од „Касинос Аустриа“, а кој, како што тврди, не бил пријавен во неговиот анкетен лист.
Друг дел од прашањата се однесуваше на трошењето на Државна лотарија за прославата на 35-годишнината од независноста. Мојсоска обвини дека јавноста нема увид во поединечните исплати кон ангажираните лица и фирми и ја доведе во прашање законитоста на договорите и постапките за доделување на јавните средства.
Како спорни случаи ги наведе исплатата од 45.000 евра за проект за гледање фудбал на поранешен советник од ВМРО-ДПМНЕ во Општина Аеродром и договорот со „Авалон продукција“, за кој, според неа, понуда од 100 страници била разгледана во еден ден. Посочи и на можен судир на интереси кај претседателот на комисијата што ја одобрила понудата, бидејќи потоа се појавил и како автор во програмата за прославата.
Левица порача дека Државна лотарија е акционерско друштво во кое државата има удел, а не приватна фирма на директорот, и дека нејзините средства не смеат да се користат за партиски интереси, сомнителни деловни зделки и профит на коцкарската индустрија на сметка на граѓаните.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.