На прес-конференцијата Фрчкоски рече дека поминале 20 дена од избувнувањето на, како што го нарече, скандалот со Алта банка во Македонија. Тој тврди дека граѓаните не можат да дојдат до своите пари, пензионерите не можат да ги подигнат пензиите и дека банкарскиот систем е загрозен. Побара институциите веднаш да реагираат за да ги заштитат граѓаните.
Фрчкоски праша дали е отворена истрага и дали Славески и Мицкоски се повикани да дадат исказ. Ги обвини дека во Македонија донеле, според неговите зборови, „пералницата на пари на Вучиќ“, додавајќи дека граѓаните бараат одговорност од сите што го овозможиле тоа. Побара одговор и дали се обезбедени документите со кои Славески дал согласност за влезот на Алта во земјата, како и дали се проверени сметките и трансакциите.
Во врска со продажбата на банката, Фрчкоски ги обвини Мицкоски и Славески дека сега брзаат да ја продадат истата банка што, според него, ја внеле во Македонија. Тој го постави прашањето дали со брзата продажба се прави обид банката да се обезвредни и да се заташкаат сметките и трансакциите.
Неговото предупредување е дека, ако на аукцијата нема купувач, цената ќе паѓа и банката на крај ќе биде продадена за многу ниска сума, по што, како што тврди, вината ќе му биде префрлена на СДСМ. Таквото постапување го нарече „Познат арамиски манир“. Праша и кој би купил банка во таква состојба и што би се случило доколку од српска страна се оспори продажната цена и се поднесе тужба. Во таков случај, оцени тој, трошокот повторно би го платиле македонските граѓани.
Како спротивност на, според него, непостапувањето во Македонија, Фрчкоски ги наведе случувањата во Србија. Тој тврди дека таму е отворена истрага, на банката ѝ е одземена дозволата и е во стечај, сопственикот Мацура е уапсен, а се истражуваат речиси 400 милиони евра. Додаде дека од вчера се блокирани и сметките на Алта груп, а Алта лизинг останала без дозвола за работа.
Фрчкоски предупреди дека секое одложување им дава можност на Славески и Мицкоски да го заташкаат случајот и да се уништат докази, записи за трансакции и сметки. Побара Савески, доколку Мицкоски му врши притисок по телефон или на друг начин, тоа јавно да го каже и да го одбие. Воедно порача дека, доколку не постапи, обвинителот ќе стане соучесник.






Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.