Разликата е видлива и кај вработеноста: стапката кај жените изнесувала 49,6%, наспроти 66% кај мажите. Според податоците на Светската банка за 2023 година, 20,6% од фирмите имале женско учество во сопственоста, а 16,4% имале жена на позицијата главен менаџер. Бројот на женски компании со позитивни финансиски резултати пораснал од 73 во 2022 на 83 во 2024 година.
Како инструмент за полесен пристап до финансирање, Комората ја посочува регионалната иницијатива „SAFE“ – „Sustainable Access to Finance for Entrepreneurship“, поддржана од Европската Унија преку „Cassa Depositi e Prestiti“ („CDP“) и „Banca Etica“. Таа предвидува мобилизирање микрофинансиско портфолио од 30 милиони евра за шест земји од Западен Балкан, вклучително и Македонија. Целта е подобар пристап до финансии за микро и малите бизниси, особено за оние управувани од жени и млади претприемачи.
Средствата до компаниите се пласираат како кредити преку македонските небанкарски финансиски и микрокредитни институции. Финансирањето е наменето за набавка на опрема, проширување на производството, воведување нови технологии, дигитализација, енергетска ефикасност и зелена трансформација. Комората оценува дека ваквите инструменти се важни за преминот од започнување бизнис кон негово одржливо проширување.
Меѓу примерите за женскиот придонес во земјоделството и руралниот развој е Вангелина Пармачка од Будинарци, Беровско. Таа во 2026 година беше избрана меѓу 100-те жени херои на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО). Комората ја посочува нејзината работа како пример за промени во заедницата и оценува дека здружувањето и заедничкото застапување на земјоделките придонесуваат за подобри услови за работа, инвестиции и социјална сигурност.
За поширока поддршка на бизнисите управувани од жени, Комората се залага за координирано поврзување на финансирањето со едукација, деловни контакти и институционална поддршка. Преку членството и соработката со домашни и меѓународни партнери, таа ги информира и ги поврзува компаниите со финансиски инструменти, вклучително и „SAFE“, и обезбедува менторство, практични информации, обуки и размена на искуства.
Деловното поврзување опфаќа контакти со потенцијални партнери и пазари, меѓу другото и преку ЕЕН мрежата. Дел од активностите се и поголема видливост на жените претприемачи и нивно вклучување во дијалогот за економските политики и мерките за поддршка на бизнисот.
Комората бара поголема поддршка за жените што развиваат бизниси во производството, земјоделството, технологијата и иновативните сектори, со политики и институционални механизми приспособени на нивните специфични потреби. Нејзиниот став е дека женското претприемништво не треба да се ограничува на мали бизниси и традиционални сектори, туку жените треба да имаат еднакви можности да создаваат компании со висок потенцијал за раст, да инвестираат, да иновираат и активно да учествуваат во економската трансформација.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.