Тимот истражувал три планински ледени површини што брзо се намалуваат: Лангфоне, Сторфоне и Хандклефоне, во областа Квитингсќолен во округот Инландет. Повлекувањето на мразот ги открива предметите што илјадници години останале заробени во него.
Една од каменодобните стрели, стара меѓу 5.000 и 6.000 години, е пронајдена со зачуван врв од брусен шкрилец и делови од првобитното дрвено тело. Од бронзеното време потекнува цела стрела стара околу 3.600 години, чиј врв бил изработен од лушпа на слатководна школка. Нејзиното дрвено тело било зајакнато со животински тетиви и брезова кора околу засекот за тетивата на лакот.
Покрај нив, археолозите пронашле повеќе коскени врвови од каменото и бронзеното време, како и подоцнежни железни примероци од железното време.
Староста на наодите се разликува од онаа на предметите откривани во почетоците на проектот. Кога „Secrets of the Ice“ почнал со систематска теренска работа во 2006 година, речиси сите пронајдени предмети биле помлади од 2.000 години и претежно потекнувале од викиншката епоха. Сега за првпат се топат најдлабоките слоеви мраз, стари од 6.000 до 7.000 години, откривајќи ловечка опрема од неолитот и бронзеното време.
Повеќегодишниот планински мраз ги зачувува кревките органски материјали во замрзната средина без кислород, која го спречува микробното разградување. Дрвото, врските од тетиви, брезовата кора, кожата и текстилот, кои во други услови би изгниле за неколку месеци, можат долго да опстанат во мразот. Но, откако ќе се најдат на ветер и сонце и ќе бидат изложени на повторено замрзнување и одмрзнување, почнуваат брзо да пукаат и да се распаѓаат.
Според процената на археолозите, големи ледени површини со археолошки наоди, како Лангфоне, би можеле целосно да исчезнат во следните 20 години. Затоа летните и есенските теренски сезони се користат за итно спасување на предметите, кои потоа се пренесуваат во Музејот за културна историја во Осло на конзервација.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.