Како конкретен пример Талески ја посочи предложената кандидатка која, според него, е сопруга на актуелниот директор на Драмски театар. Директорот го опиша како партиски активист на ВМРО-ДПМНЕ, поранешен носител на советничка листа и координатор на советничката група во Општина Карпош.
Талески рече дека кандидатката е дипломиран психолог, а дека меѓу предложените е и Андон Димовски, дипломиран социјален работник. Тој го оспори нивното познавање на областа и праша што, освен партиската поврзаност што им ја припишува, ги квалификува за работата на Советот.
Наспроти овие предлози, Талески посочи дека на огласот на собраниската Комисија за избори и именувања биле пријавени и предложени универзитетски професори и лица што работеле во областа. Според него, меѓу кандидатите има луѓе што го познаваат системот што треба да го контролираат и можат стручно и независно да ја извршуваат функцијата.
Тој потсети дека претходната постапка била повлечена по реакции од јавноста и опозицијата поради партиската поврзаност на предложените кандидати. Оцени дека власта не извлекла поука и со новиот предлог повторно се обидува да го претвори независниот контролен механизам во партиска комисија, продолжувајќи ја, како што рече, партизацијата на институциите на извршната власт.
Објаснувајќи зошто е важна независноста на Советот, Талески потсети дека законот бил менуван со двотретинско мнозинство за да се обезбеди независен надзор. Рече дека Советот бил формиран како одговор на скандалот со масовното незаконско прислушување од 2015 година, кога биле следени над 20.000 граѓани. Неговата задача, нагласи тој, треба да биде заштитата на приватноста и слободата на граѓаните, а не распределбата на паушали.
Талески предупреди и на ризикот што, според него, го носи партизацијата на надзорот во време кога власта најавува спојување на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање. Ја обвини власта дека сака истовремено да ја концентрира безбедносната и разузнавачката моќ и да ги контролира оние што треба да ја надгледуваат. Побара да се откаже од партиското влијание врз изборот и да ги земе предвид кандидатите што ги исполнуваат условите.






Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.