Целта на бесплатниот влез е да се поттикне интересот на студентите за културното наследство и да им се овозможи редовен пристап до музејските збирки. За студентски и научни истражувања е достапна и специјализираната музејска библиотека, која располага со повеќе од 6.000 книги и 20.000 научни трудови.
Покрај библиотечниот фонд, студентите можат да ги користат музејските збирки и стручната поддршка за изработка на семинарски, дипломски, магистерски и докторски трудови. Музејот нуди и можности за практична работа и истражувања, со непосредно запознавање со археолошките методи, музејската документација, обработката на материјалот и современите пристапи во проучувањето на културното наследство.
Студентите веќе се дел од работата на музејот, од археолошки теренски истражувања и работа со збирките до дигитални технологии и лабораториски анализи. Целта е тие да не бидат само посетители, туку активни учесници во истражувањето, документирањето, толкувањето и презентацијата на културното наследство.
Во оваа работа музејот соработува со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, а особено со Филозофскиот факултет, Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и Факултетот за земјоделски науки и храна.
Музејот ја оценува соработката со универзитетите како важна за својот научен и институционален развој. Според музејот, овие партнерства ги поврзуваат хуманистичките, информатичките и природните науки во современата археологија и отвораат можности за истражување и примена на современи научни методи.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.