Авионите се судриле околу 21:15 часот на вкрстување на две рулни патеки, односно патеки за движење на авионите по земја. Едниот авион пристигнувал, а другиот заминувал. Сообраќајот бил насочен кон други рулни патеки, па судирот не ја нарушил работата на аеродромот.
На повредените им помогнале припадници на противпожарната и спасувачката служба на округот Мајами-Дејд. Директорот за комуникации на аеродромот, Грег Чин, во една изјава навел дека нема пријавени повреди, но дал и податок дека две лица биле згрижени поради полесни повреди и дека не им бил потребен медицински транспорт.
Во судирот учествувале боинг 767 на американската товарна компанија „UPS“ и боинг 737 на панамската Копа ерлајнс. Летот 358 на „UPS“ требало да полета од Мајами за Богота во Колумбија, додека летот 427 на Копа ерлајнс пристигнал од Панама Сити во Панама, каде што е и седиштето на компанијата.
Инцидентот се случил додека аеродромот во Мајами сѐ уште се соочувал со доцнења и откажувања на летови по забраната за полетување на ниво на целите САД, која Федералната управа за воздухопловство (ФАА) ја издала во петокот.
Федералните власти го поврзале тој прекин со проблеми во застарената технологија за контрола на летањето. Според нив, мрежните уреди, вклучувајќи свичеви и рутери, биле преоптоварени со податоци, што предизвикало неусогласености во радарските и комуникациските системи.
Министерот за транспорт Шон Дафи во петокот вечерта предупредил дека авиосообраќајот бавно ќе се враќа во нормала додека компаниите ги прераспоредуваат авионите и екипажите. Директорот на ФАА, Брајан Бедфорд, во саботата изјавил дека очекува редот на летање во САД да се нормализира до крајот на денот во недела.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.