Меѓу компаниите учесници беа Амфенол, Антура, Тонко, хотел „Амор“, Европа 92 и Рудник САСА, како и други компании од регионот. Тие имаа можност да ги претстават потребите од работници и слободните работни позиции и да воспостават контакти со потенцијални кандидати.
За барателите на работа, ваквите средби се можност да ги претстават своите знаења, вештини и работни компетенции и да се информираат за потребите на компаниите. Преку непосредни разговори и интервјуа, работодавачите можат да ги запознаат кандидатите и да проценат кои од нив одговараат на отворените позиции. Посебен фокус на саемите се ранливите категории граѓани и припадниците на малцинските заедници.
Саемот го организираше Институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико, со поддршка од Стопанската комора на Северна Македонија и Општина Кочани. Регионалните саеми се дел од пошироките активности на Ромалитико за економско зајакнување и подобар пристап до пазарот на трудот, особено за припадниците на ромската заедница.
Покрај средбите со работодавачите, овие активности опфаќаат информирање, советување и поддршка преку теренски фасилитатори, кои им помагаат на барателите на работа и ги насочуваат кон соодветни работни позиции и обуки.
Стопанската комора оценува дека недостигот од работна сила е сериозен предизвик за македонската економија и дека ангажирањето работници од трети земји не ги дава очекуваните резултати во однос на потребите на компаниите. Затоа се залага за поголемо активирање на домашниот пазар на трудот, а поддршката за саемите е дел од нејзината цел да им помогне на компаниите да обезбедат потребни работници.
Според Комората, ваквите активности придонесуваат за поголема економска активност, социјална инклузија и еднакви можности за пристап до работа. Таа ја оценува соработката меѓу локалната самоуправа, институциите и бизнис-заедницата како важна за поттикнување на вработувањето, економско зајакнување на локалните заедници и подобри услови за развој на компаниите.
Следниот саем ќе се одржи на 26 ноември 2026 година во хотел „Салида“ во Прилеп. Третиот и завршен регионален саем е закажан за 16 декември 2026 година во хотел „Холидеј ин“ во Скопје.








Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.