ДОМ соопшти дека според најновите објавени податоци, во сопственичката структура на една од компаниите што поседуваат земјиште во областа се појавуваат лица и компании чии деловни релации се поврзуваат со бизнис-кругови блиски до поранешната и актуелната власт. Партијата ги спомена и објавените деманти и побара целосна транспарентност за сопствениците и инвеститорскиот интерес.
Нова изградба со објекти на големи површини во стрмен и пошумен предел е предвидена со Нацрт-ДУП-от, наведува ДОМ. Во соопштението се посочува дека самиот плански материјал ја истакнува специфичноста на теренот, со предупредување за уништување значителна површина шумско и заштитно зеленило.
Купувањето земјиште не треба да биде проследено со приспособување на урбанистичкиот план на очекувањата на инвеститорите за максимално градежно искористување, смета ДОМ. Во соопштението се нагласува дека приватното право на градење не е над јавниот интерес, безбедноста на граѓаните и заштитата на природата.
Меѓу барањата на ДОМ се усогласување на планот со повисоките плански документи и реалните природни ограничувања на теренот, зачувување на шумата и зеленилото и урбанистичкото планирање да не ја зголемува вредноста на приватното земјиште на сметка на јавниот интерес.
Поддршка за петицијата за повлекување и преиспитување на Нацрт-ДУП-от ДОМ дала уште во август, кога побарала запирање на понатамошната бетонизација и уништување на Водно. Најавува продолжување на соработката со советниците и граѓанските иницијативи, како и поддршка за законски и институционални чекори за запирање на планот.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.