Јавниот долг, според бројките што ги наведува Левица, од доаѓањето на власт на актуелната влада пораснал за 21 отсто, од 8,87 на 10,72 милијарди евра. Во соопштението овој раст се спротивставува на ветувањата на Мицкоски и Димитриеска-Кочоска за намалување на долгот, фискална стабилизација и развој преку инвестиции, производство и нови работни места.
Само за камати наредната година ќе бидат потребни над 400 милиони евра, наведува Левица, оценувајќи дека сервисирањето на долгот го намалува просторот за јавни услуги, развојни политики и инвестиции. Кон ова ги додава и 692 милиони евра доспеани, а неплатени обврски на државата и јавниот сектор кон граѓани, компании и други субјекти заклучно со јуни 2026 година, кои, според соопштението, не се вклучени во официјалниот јавен долг.
Каматите и отплатата на старите долгови оставаат помалку средства за здравство, образование, социјална заштита, инфраструктура и производни инвестиции, е оценката во соопштението. Како дополнителен аргумент, Левица се повикува на укажувања на ММФ, Светската банка и Фискалниот совет за фискалните ризици од обврските на јавниот сектор и потребата тие да се земат предвид при оценувањето на реалната задолженост.
Критиките се однесуваат и на владиното промовирање на Македонија како „економски хаб“. Левица тврди дека нема јасна стратегија за поголемо домашно производство и додадена вредност, ниту за намалување на зависноста од увоз, странски капитал и нови задолжувања. Во соопштението се посочуваат високите трошоци за живот, инфлацијата и падот на куповната моќ, со оценка дека товарот од денешното задолжување ќе го носат и идните генерации.
Покрај ревизија на јавниот долг, барањата на Левица вклучуваат целосна транспарентност за неговото трошење и утврдување одговорност за ненаменско и непродуктивно трошење на јавните средства. Предложените мерки се борба против сивата економија, преиспитување на непродуктивните буџетски расходи, прогресивен даночен систем и пренасочување на средствата кон производство и развој. Од Владата се бара и почитување на законски утврдениот лимит од 60 отсто јавен долг во однос на БДП.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.