Според жителите, екипите на ЈП „Водовод“ и „Канализација“ ги поставиле новите мрежи, но по завршувањето на работите улиците останале со земја и кал, без асфалт и соодветно уредување. Со приближувањето на зимата и честите дождови, велат дека условите за секојдневно движење стануваат сѐ потешки.
Во писмото опишуваат дека калта ја внесуваат во домовите, а автомобилите понекогаш им се покриени со слој кал и до 10 сантиметри. Тврдат дека возилата се изложени на дополнително абење и оштетување, а честото носење во перална им создава дополнителни трошоци.
Како привремено решение бараат улиците да се насипат со чакал, кој потоа соодветно ќе се набие, за да се овозможат нормално движење и пристап до куќите. Нагласуваат дека не треба да се чека асфалтирањето за да се обезбедат барем минимални услови за функционирање.
Жителите наведуваат дека повеќепати реагирале и за неасфалтираните улици и за приклучоците за атмосферска канализација, кои ги опишуваат како принудни. Стравуваат дека ќе се повтори искуството од улицата Козара, каде што, според искуствата на тамошните жители на кои се повикуваат во писмото, проблемите со кал и неуредени улици траеле повеќе од две години.
Затоа ги повикуваат медиумите да излезат на терен, да ја документираат состојбата и да побараат одговор од Општина Битола и надлежните институции. Како жители и даночни обврзници, бараат да знаат кога ќе се реши проблемот и кој е одговорен за довршување на работите, со цел да имаат чист пристап до домовите и безбедно движење.
ЛДП Битола, која го пренесе писмото, ја критикува локалната власт, оценувајќи дека бавната реализација на проектите станала нејзин заштитен знак.






Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.