Ребалансот ги опфаќа основниот буџет, буџетот на дотации и буџетот на донации. Приходите во основниот буџет се зголемуваат за 11.317.705 денари, односно за речиси пет проценти. Најголемиот раст е кај капиталните трансфери, за 9.068.060 денари. Според Општината, тој произлегува од дополнителни анекси со економски оператори за инфраструктурни проекти од вториот повик за капитални дотации на општините за 2025 година, во транспортот и заштитата на животната средина.
Покрај тековното буџетско усогласување, советниците ја усвоија измената на Планот на програмите за развој за 2026 година и развојниот план за 2027 година. За следната година се предвидени девет инфраструктурни проекти за изградба и реконструкција на улици во градот и населените места, како и за уредување на коритото на Брегалница. Планот е составен дел на Буџетот за 2027 година и основа за планирање на идните инфраструктурни инвестиции.
Во уличните проекти се вклучени изградба на улиците 5, 6 и 8 во СРЦ Делчево, улици во населбата Пролет, како и краци од „Драмечка“ и улици во населбата Басарица. Предвидени се и реконструкција на „Индустриска“ и на дел од улица во селото Звегор.
За централното градско подрачје, во УЕ 2, се планираат реконструкција и изградба на улици. Планот опфаќа и изградба на дел од „Видое Смилевски-Бато“ со потпорен ѕид, реконструкција на дел од „Кочо Рацин“ и регулација на коритото на Брегалница во централното градско подрачје во должина од 320 метри.
За комуналната инфраструктура во населбата Пролет, Советот одлучи водоводната мрежа да му се даде на Јавното комунално претпријатие „Брегалница“ – Делчево на трајно користење, одржување и заштита. Целта е да се обезбеди соодветно управување и одржување на мрежата.
Одобрени се и 30.000 денари за отстранување одземени и хаварисани возила во кругот и надвор од кругот на Одделението за внатрешни работи и Територијалната противпожарна единица во Делчево. Според Општината, со отстранувањето треба да се ослободи пристапот и да се овозможи непречено движење на полициските и противпожарните возила при итни интервенции.
На денешната 20. седница, со 13 точки на дневен ред, беа определени и имињата на шест улици на планината Голак, во опфатот на Деталниот урбанистички план „Голак“. Улиците ќе ги носат имињата „Петре Прличко“, „Ѓорги Колозов“, „Јонче Христовски“, „Гоце Арнаудов“, „Ристо Шишков“ и „Васка Илиева“. Куќните броеви ќе ги определи Општина Делчево.
Советниците донесоа и три одлуки за финансиска поддршка на граѓани за издавање книги, наменета за поддршка на книжевното творештво и културното изразување.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.