Во придружба на стручните служби на паркот, делегацијата посети повеќе локации во заштитеното подрачје. Професорот од Шумарскиот факултет, Јане Ацевски, презентираше стручни анализи, научни сознанија и податоци за актуелната состојба и динамиката на шумските екосистеми.
Стручните разговори ги опфатија и предизвиците што се очекуваат во иднина. Посебно внимание беше посветено на потребата од континуирано научно следење и примена на современи методологии за заштита и одржливо управување со шумите.
Пред теренската посета, делегацијата ја прими директорот на Националниот парк Маврово, Харис Ибраими. Неа ја предводеше Кристијан Бравенц, аташе на австриското Сојузно министерство за земјоделство, шумарство, климатска и еколошка заштита.
Во делегацијата беа Силвио Шулер и Марчела Ван Лу од Федералниот истражувачки и тренинг-центар за шуми, Кристоф Хартлајтнер, директор на „LIECO GmbH“, Андреас Штајнегер и Флориан Хехенблајкнер од Комората за земјоделство и шумарство на Штаерска, како и Симон Јансен од Универзитетот за природни ресурси и применети науки.
Ибраими изрази задоволство од интересот на австриските стручњаци за природните вредности на паркот. Тој ја истакна меѓународната размена на научни сознанија, искуства и современи практики како значаен предуслов за зајакнување на институционалните капацитети и одржливо управување со природните ресурси.
На средбата беше посочено дека ваквите контакти треба да бидат почетна основа за конкретни партнерства и долгорочна меѓународна соработка. Според Националниот парк Маврово, гостите изразија задоволство од презентациите и непосредниот увид во состојбите на терен, како и подготвеност повторно да го посетат паркот и да ја продолжат комуникацијата за дефинирање конкретни облици на идна соработка.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.