Резултатите од истражувањето беа објавени вчера во научното списание „Nature Chemical Biology“, а денес беа претставени во соопштение на Универзитетот во Копенхаген.
Паклитакселот, познат и под комерцијалното име „Таксол“, се користи во хемотерапијата за лекување рак на дојката, јајниците, белите дробови и други малигни заболувања. Неговото дејство се заснова на попречување на процесот на клеточна делба, со што се спречува размножувањето на канцерогените клетки.
Лекот првично бил изолиран од кората на пацифичката тиса, дрво во кое оваа супстанција природно се создава во мали количества. Поради сложената молекуларна структура, неговото производство со децении претставува значаен биотехнолошки предизвик.
Научниците успеале да го реконструираат целокупниот биолошки процес преку кој тисата го произведува паклитакселот. Со внесување гени вклучени во неговото создавање во растението Nicotiana benthamiana, близок сродник на култивираниот тутун, истражувачите успеале да ги претворат неговите листови во биолошки производители на лекот.
Предноста на ваквиот пристап е што растението расте значително побрзо од тисата и може да се одгледува во контролирани услови.
Според професорот Сотириос Кампранис, еден од водечките автори на истражувањето, разбирањето на целокупниот процес на создавање на лекот е клучно за неговото идно поевтино производство и поголема достапност за пациентите ширум светот.
Откритието покажува и поинаква можна употреба на растенијата од родот на тутунот во фармацевтската индустрија. Сепак, тоа засега не значи дека обичните тутунски насади, вклучително и оние во Македонија, можат да се користат за производство на лекот.
Истражувањето е во експериментална фаза и ќе бидат потребни дополнителни испитувања и развој пред евентуалното индустриско производство. Обичниот тутун природно не го произведува овој лек, а откритието на никаков начин не ги менува утврдените здравствени ризици од пушењето.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.