Ако има докази за организирано уништување, Ѓорѓиевски треба да ги достави до надлежните органи, а ако ги нема, да престане со инсинуациите, рече Мустафаоглу. Според неа, првото прашање е зошто потфрлиле превенцијата и контролата, а не кому политички би му користел инцидентот. Власта не може да си ги припишува заслугите за подобрувањата, а за неуспесите секогаш да бара виновник надвор од институциите со кои управува, оцени таа.
Мустафаоглу ги посочи кражбите на бисти, споменици, спомен-плочи и урбана опрема во Скопје и праша колку од тие случаи се решени и колку сторители се казнети. Таа вели дека за многу оштетувања и кражби граѓаните не добиваат одговор што презеле надлежните. Како друг пример за случај без одговор го наведе загадувањето на реката Лепенец.
Според советничката, секој неказнет престап придонесува уништувањето на заедничкиот имот постепено да стане прифатливо. Таа ги обвини функционерите дека бараат совесност од граѓаните, а самите ги користат јавните ресурси за приватни и партиски интереси. Кога треба да се заштити или обнови инфраструктурата, вели Мустафаоглу, Градот упатува на општините, тие на јавните претпријатија, а одговорноста потоа се префрла на инспекторатите и на МВР. Не е работа на жителите да утврдуваат кој е надлежен, туку на секоја институција да каже што направила, смета таа.
Како конкретен пропуст во превенцијата го издвои слабото осветлување во многу скопски населби. На одделни улици, во паркови и на пешачки патеки, според неа, луѓето мораат сами да си го осветлуваат патот со блиц. Таа предупреди дека мракот им го отежнува безбедното движење и создава поповолни услови за кражби и вандализам.
За откривањето на сторителите, Мустафаоглу смета дека проблемот не е недостигот од полицајци, туку нивниот распоред. Според бројките што ги наведе, Македонија има околу 560 полицајци на 100.000 жители, наспроти европскиот просек од околу 340, а граѓаните сепак имаат впечаток дека полицијата ја нема таму каде што им треба заштита. Ако автоматизираниот надзор преку „Безбеден град“ презема дел од рутинската работа на сообраќајната полиција, тоа е можност дел од полицајците да добијат други задачи, рече таа.
Комуналната полиција, пак, според Мустафаоглу, останала само најава, иако предложените измени на Законот за локалната самоуправа се разгледувале уште во 2025 година. Таа го обвини парламентарното мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ дека наоѓало компромис за закони од партиски или личен интерес, но не бара друг начин да обезбеди согласност за ова прашање.
Додека одговорноста се префрла, сметката останува кај граѓаните, вели Мустафаоглу. Со нивни пари се купува клупата или контејнерот, се плаќа за одржување дури и кога тоа изостанува, а по уништувањето повторно се издвојуваат пари за замена. Според неа, така се обезвреднува и трудот на луѓето со кој е создаден јавниот имот. Бидејќи секоја обнова носи нови набавки и договори, а набавките будат сомнежи за фаворизирање, таа побара строга контрола врз тоа кој заработува од повторените трошоци и под кои услови.
Советничката побара да се објави колку пари се потрошени за санација на намерно уништен имот, во колку случаи е откриен сторителот, колку постапки за надомест се поведени и колку пари се вратени во буџетот. Кога сторителот е познат, институциите треба да ги искористат законските можности за да ја наплатат штетата од него, наместо повторно да ја плаќаат сите граѓани, порача Мустафаоглу.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.