Филипче рече дека Мацура сега е осомничен за криминал во Србија и дека СДСМ веќе една година предупредува дека преку Алта банка се перат пари на режимот на Вучиќ. Тој се повика и на српските медиуми кои, според него, ја опишуваат банката како балканска пералница на пари. Го повика Обвинителството сериозно да ги разгледа веќе поднесените кривични пријави и да утврди кривична одговорност за случајот.
Филипче побара одговор и за улогата на премиерот Христијан Мицкоски. Според него, Славески кажал дека се консултирал со Мицкоски пред влезот на банката. Филипче праша што му кажал премиерот на гувернерот и какви надлежности има премиерот кога се одлучува дали некоја банка може да влезе на домашниот пазар.
Одлуката, тврди Филипче, ги загрозила и парите на штедачите во Стопанска банка Битола. „Некој цел живот штеди во Стопанска банка Битола, а сега не може да си дојде до парите. Истото важи и за компаниите и државните институции“, рече тој.






Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.