Претресите траеле два дена и опфатиле локации во Будимпешта и во три унгарски окрузи. Покрај шумските скривалишта, истражителите нашле пари во земјоделски објекти, магацини, станбени имоти и во скап сеф. Новоформираната Национална канцеларија за враќање и заштита на имотот го објави откритието вчера.
Запленети биле 5,07 милијарди унгарски форинти, 2,66 милиони евра и 1,26 милиони американски долари. Дванаесет вработени во државниот трезор ги броеле банкнотите осум часа, користејќи пет машини за броење. Парите потоа биле уплатени на сметка на унгарскиот државен трезор.
Канцеларијата објави и видеоснимка со истражители покрај големи купови врзани банкноти и со ноќно копање на терен што наликува на шума.
Шестак бил министер за национален развој од 2014 до 2018 година. Осомничен е дека примил повеќе од 33 милиони евра мито и незаконски провизии поврзани со набавки на прескапи половни автобуси за државни транспортни компании и со државни градежни проекти. Бил приведен кон крајот на септември и ги негира обвинувањата. Неговиот адвокат Габор Пап не одговорил на барањето за коментар за најновото откритие.
Истрагата е дел од широката антикорупциска кампања што премиерот Петер Маѓар ја нарече операција Чистилиште. Неговата влада ја основа новата канцеларија со истражни и обвинителски овластувања за истражување сомневања за корупција и злоупотреба на јавни средства.
Маѓар ја оцени заплената како пресвртница во справувањето со наводната корупција од времето на Орбан. Тој изјави дека откритието го означува крајот на, како што ја нарече, мафијата на поранешната владејачка коалиција Фидес-КДНП. Воедно го обвини Орбан дека е докажан и паднат мафијашки шеф, а Фидес ја нарече криминална организација.
Десноцентристичката, проевропска партија Тиса на Маѓар извојува убедлива победа на парламентарните избори во април, со што заврши 16-годишното владеење на Орбан. Новиот премиер вети и подобрување на односите со Европската Унија, нарушени од повеќегодишните спорови за време на неговиот претходник.
Во одделни истраги се приведени и други високи функционери од времето на Орбан. Меѓу нив е поранешниот гувернер на централната банка и министер за економија Ѓерѓ Матолчи, некогаш сметан за еден од неговите најблиски сојузници. Матолчи е под истрага за наводна злоупотреба на фондација на централната банка што добила јавен имот во вредност од 288 милијарди форинти. Тој и другите поранешни функционери опфатени со истрагите негираат незаконско постапување.
Полицијата неделава го приведе и помладиот брат на Орбан во истрага за сомневања за трговија со луѓе и тргување со влијание. Орбан ги осуди истрагите како политичка тиранија насочена кон негово отстранување од унгарската политичка сцена, а приведувањето на брат му го оцени како политичка одмазда.
Во анкета на агенцијата „Медијан“, објавена неделава на порталот ХВГ, 70 проценти од испитаниците ја оцениле антикорупциската кампања како многу важна. Одделна анкета на истата агенција покажала дека поддршката за Фидес до ноември паднала на 16 проценти од гласачите, приближно половина од нивото пред априлските избори.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.