Анкетата опфатила 120 членови од здружението со вкупно 1.200 членови, а ја спровела „Avid“, компанијата зад софтверските алатки „Media Composer“ и „Pro Tools“. За транскрипција ВИ користат 60% од испитаниците, за чистење звук 55%, а за пребарување конкретни кадри во стотици часови материјал 39,2%. Меѓу другите примени се означувањето детали во кадрите и генерирањето примерни кадри што им помагаат на продуцентите да утврдат каков материјал треба да снимат.
Колкава разлика може да направи пребарувањето со ВИ објаснила за „Вараети“ монтажерката Моли Шок, номинирана за наградата „Еми“. Во една од поновите сезони на „MasterChef“, кога таа и колегите првпат добиле пристап до вакви алатки, на продуцентите им бил потребен кадар со натпреварувач што погледнува кон часовник. Наместо со часови да пребаруваат илјадници часови снимки, како во претходните сезони, пронашле повеќе соодветни кадри за неколку секунди.
Според Шок, алатката ги препознава натпреварувачите и овозможува пребарување со едноставен опис на лицето и дејството. Во некои денови, работа што одземала половина ден се скратувала на 15 минути. Таа не го опишува тоа првенствено како поголема ефикасност, туку како повеќе време за креативниот дел од монтажата и за подобро доработен конечен производ.
Токму намалувањето на рутинската работа, а не препуштањето на креативните одлуки, е главната намера на монтажерите, според Мет Фјури, потпретседател на „Avid“ задолжен за односите со уметниците и еден од раководителите на анкетата. Тој ги наведува управувањето со снимениот материјал и со метаподатоците, односно податоците што го опишуваат материјалот. Фјури вели дека компанијата сакала да провери дали се точни неформалните сознанија за отпор кон технологијата, но резултатите покажале спротивна слика: многу монтажери веќе ја користеле. Според него, тие постојано истражуваат нови технологии и не се плашат да ги испробаат.
Сепак, прифаќањето на алатките не значи и подготвеност да им се препушти креативната контрола. Речиси сите испитаници што користат ВИ секојдневно или неделно сметаат дека таа треба само да ја поддржува креативната визија на проектот. Наспроти тоа, само 7,5% сакаат помош при составување кадри или груба монтажа. Според податоците на „Avid“, етичките прашања, авторските права и безбедноста сочинуваат речиси половина од наведените пречки за употреба на ВИ.
Зад интересот за новите алатки стои и загриженоста за работните места. Шок вели дека, иако дел од нејзините колеги не се желни да учат дополнителни алатки, многумина сакаат да останат во тек со технологијата за полесно да најдат ангажман во услови на сѐ помалку работни места во Холивуд. Нејзината оценка е дека ВИ нема да исчезне и дека приспособувањето станува силен професионален императив.
Ова се случува во време на поширока употреба на ВИ во филмската продукција, од алатки на компании како „InterPositive“ на Бен Афлек до експерименти со целосно анимирани проекти со ВИ. Но и Шок и Фјури ги признаваат стравувањата за влијанието врз работните места и сметаат дека монтажерите не сакаат технологијата да ја замени нивната работа.
Шок бара монтажерите да бидат вклучени во разговорите за тоа како ќе се користи ВИ. Според неа, учењето на алатките не смее да создаде систем што ги укинува можностите за професионален развој, ниту монтажерите да се сведат на луѓе што притискаат копчиња и лесно можат да бидат заменети со програма.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.