Пред втората недела од преговорите, Стил, извршен секретар на Рамковната конвенција на ОН за климатски промени, оцени дека постигнувањето договор е тешка, но неопходна работа. Тој порача дека заеднички успех не е можен без компромис од секоја страна.
На самитот во турскиот медитерански град учествуваат делегати од повеќе од 200 држави, со основна цел да се спречи затоплување на планетата од два Целзиусови степена. Преговорите траат до 19 ноември, а првиот нацрт на договорот се очекува следната недела, според Австралиецот Крис Боуен, претседавач со преговорите на КОП31.
Меѓу целите се обезбедување финансии и инвестиции, намалување на употребата на таканаречените суперзагадувачи и метанот, како и обезбедување сигурно снабдување со храна. Домаќинот Турција се залага за проширување на електрификацијата на светско ниво, но дел од еколошките организации се разочарани што предлогот не поттикнува поголема употреба на електрична енергија од обновливи извори.
Според анализата на ДВ, очекувањата за овој самит се поскромни отколку за претходните климатски конференции на ОН. Многу влади ги ослабуваат обврските за премин кон чиста енергија и за обезбедување на милијардите потребни за приспособување на земјите во развој, бидејќи инфлацијата, војните, деиндустријализацијата и долговите ги сметаат за понепосредни закани. Преговарачите се соочуваат и со притисок од големите земји производители на фосилни горива да не поставуваат построги цели за побрзо напуштање на нафтата и гасот.
САД втора година по ред не учествуваат во разговорите под претседателот Доналд Трамп, кој ги нарекува климатските промени измама и ја поддржува натамошната употреба на фосилни горива.
Во извештај објавен минатиот месец, ОН предупредија дека светот во рок од неколку години се движи кон надминување на прагот на затоплување од 1,5 Целзиусов степен, поставен во Париз во 2015 година. Тоа е границата за која повеќето научници сметаат дека треба да ги спречи најтешките последици од климатските промени.
Климатските активисти во Анталија изразуваат сѐ поголемо незадоволство од недостигот на заложби и од тактиките на одолжување. На денешниот марш, граѓански и еколошки активисти од повеќе земји протестираа поради недостигот на напредок и потиснувањето на климатската криза во втор план. На еден транспарент беше побарано луѓето да имаат предност пред загадувачите.
Јужноафриканскиот активист Заки Мамду изјави за ДВ дека стремежот кон профит по секоја цена и натаму ја одредува светската агенда и правецот во кој се движи светот, поради што е потребен отпор.
Луиза Небауер, главната организаторка на германското движење „Fridays for Future“, го критикуваше отсуството на канцеларот Фридрих Мерц и на неколку други европски лидери. За ДВ таа порача дека нема да биде можно решавање на ниту една криза додека планетата се дестабилизира од час во час и повика на присуство и ангажман.
Турските власти го дозволија собирот, иако во земјата често се забрануваат големи јавни собири. Паралелно со маршот, викендов во Анталија се одржува и Народен климатски самит, со учество на стотици домашни и меѓународни граѓански организации.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.