Лав XIV има перуанско државјанство, а пред да стане папа служел како мисионерски свештеник и подоцна како бискуп на Чиклајо, во северниот дел на земјата. Тој има и американско државјанство и е првиот папа од Перу или од САД. Во претседателската палата во Лима ја испеа перуанската химна заедно со претседателката Кеико Фухимори.
Во периодот кога бил бискуп, Лав XIV, тогаш Роберт Превост, повеќепати го критикувал покојниот Алберто Фухимори, поранешен претседател на Перу и татко на сегашната претседателка.
Во обраќањето, папата рече дека разбира колку земјата останала дел од него и колку неговата приказна им припаѓа и на Перуанците. Тој ги повика да негуваат чесност и интегритет и да прифатат дека никој ги нема сите одговори. Побара и посилна превенција од катастрофи во земја што редовно е погодена од поплави и свлечишта поврзани со Ел Нињо.
Фухимори рече дека Перу мора да ја заврши задачата на помирување по децении бунтовничко насилство, злоупотреби од државата и длабоки политички поделби. Ватикан процени дека околу три милиони луѓе се собрале по трасата на папската поворка.
Посетата се одвива во период кога многу Перуанци се разочарани од политичкото раководство. Земјата имала девет претседатели од јули 2016 година, а стапката на убиства речиси се удвоила за пет години. Професорот по политички науки Алонсо Карденас за АП оценил дека не гледа знаци на реакција или стратегија од владата на Фухимори.
Католиците сочинуваат околу 67 проценти од населението, според податоците наведени во извештајот, што е пад од 76 проценти. Теологот Вероника Лекарос за АП рекла дека Католичката црква и понатаму ужива поголема доверба од која било друга институција во Перу.
Шестдневната посета вклучува и патување до место на надморска височина од 3.700 метри. Извештајот го опишува патувањето како ризично, откако во средината на октомври на папата му бил отстранет дел од бел дроб поради малигнен тумор. Неговото враќање во Ватикан е предвидено за 17 ноември.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.