Адвокатите на Ман годинава испратиле известувања за раскинување на преносот на правата, повикувајќи се на законското право на авторите да си ги вратат делата. Законот за авторски права дозволува раскинување на преносот по 35 години. „New Regency“, која го продуцираше филмот од 1995 година, тврди дека сценариото било дело изработено по нарачка, правна категорија за која оваа можност не важи.
Компанијата бара судот да ги прогласи известувањата за неважечки, тврдејќи дека постапката на Ман ја доведува во прашање нејзината сопственост врз оригиналниот „Heat“. Според тужбата, „Warner Bros“. ги стекнал правата за сценариото во 1994 година преку договор со компанија преку која Ман ги договарал своите професионални услуги. „New Regency“ тврди дека тоа изречно бил договор за дело изработено по нарачка, а не пренос на права што може да се раскине.
Во тужбата се наведува и дека адвокатите на Ман првично ја известиле „New Regency“ оти тој ги пренел правата на своите компании во 1988 година и дека бара да го раскине тој договор. Кога компанијата побарала копија, добила одговор дека договорот бил устен. „New Regency“ го оспорува тој основ, тврдејќи дека Ман наводно го склучил договорот самиот со себе, настапувајќи и лично и во име на компаниите „MMCo“. и „ZZY“. Подоцна биле доставени уште две известувања за раскинување, засновани врз други договори, кои „New Regency“ исто така ги смета за неважечки.
Ман ги развивал ликовите и приказната две децении, почнувајќи од 1970-тите. Неговиот претставник, во изјава пренесена од „Variety“, порача дека адвокатите енергично ќе се спротивстават на тужбата и дека се уверени оти судовите ќе ги потврдат законските права на режисерот. Според него, спорот се однесува на оригиналните сценарија што Ман лично ги пишувал во 1980-тите, од кои произлегол филмот што тој го напиша, продуцираше и режираше. По 40 години, Ман го користи правото на авторите да ја вратат својата творба, објасни претставникот.
Во меѓувреме, продолжението го презеде „Amazon MGM Studios“, откако „Warner Bros“., кој првично требаше да го продуцира, се повлече од проектот минатата година. Според тужбата, и Ман и „New Regency“ склучиле договори со „Amazon“ што го земаат предвид спорот. Ман притоа договорил на „Amazon“ да му ги пренесе сите права што евентуално ќе ги врати.
Претставникот на Ман нагласи дека постапката не е поврзана со продукцијата на „Heat 2“ и најави дека снимањето ќе почне на 19 јануари.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.