Багаеи го прошири предупредувањето на секое директно или индиректно учество во она што го опиша како агресија или нехуман економски тероризам против Иран. Според него, таквата поддршка претставува учество во американската агресија против земјата.
Тој оцени дека таквите дејства го прекршуваат членот 2, став 4 од Повелбата на Обединетите нации и потпаѓаат под дефиницијата за акт на агресија во Резолуцијата 3314 на Генералното собрание на ОН. Багаеи додаде дека ниту еден билатерален договор или обврска кон САД не може да биде легитимна основа за прекршување на меѓународните обврски на една држава или за учество во она што го нарече американско-израелска воена агресија против Иран.
Како оправдувања ги отфрли и заштитата на слободата на пловидба и сузбивањето на пиратеријата. Според Багаеи, повикувањето на тие цели не ја менува непријателската и незаконска природа на таквите дејства.
Предупредувањето го придружи со илустрација на мало врапче свртено кон поголема птица со симболи на американското знаме на крилјата. Притоа се повика на корејска поговорка според која врапчето што се обидува да лета по штркот на крајот ќе си ги скрши нозете.
Ројтерс наведува дека пораката можеби е насочена кон Јужна Кореја, која ја разгледувала можноста да испрати воени сили во регионот како поддршка за САД. Јужнокорејскиот кабинет во вторникот го одобри предлогот за проширување на операциите на поморската единица Чонгхе во водите јужно од Оман.
Планот сѐ уште треба да добие одобрение од парламентот. Сеул, пак, соопшти дека неговите сили нема да учествуваат во војната против Иран.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.