Хуанг се повлече откако 33 години ја водеше компанијата што ја сооснова. Размерот на нејзината инвестициска улога го покажуваат податоците на „PitchBook“: само годинава „Nvidia“ учествувала во 105 рунди на финансирање, често како најголем инвеститор. Марија Дејвидсон, основачка на „Relational Capital“, предупредува дека промена на таа насока би била тежок удар за многу млади компании. Еден основач на специјализиран облачен провајдер ја споредил веста за оставката со експлозија.
Зависноста не била само од парите на „Nvidia“, туку и од личните одлуки на Хуанг. Умеш Падвал, управувачки партнер во „Seligman Ventures“, вели дека значајните одлуки за вложување често доаѓале од него. Падвал го познава од времето кога бил член на одборот на „Mellanox Technologies“, производител на мрежни чипови што „Nvidia“ го купи за околу седум милијарди долари во 2020 година. Инвеститорите се надеваат дека идниот наследник на Хуанг ќе продолжи со такви вложувања, но не очекуваат тоа да се случи на краток рок.
Сега очекувањата се насочени кон привремената извршна директорка Колет Крес. Според „TechCrunch“, од неа се очекуваат промени особено во вложувањата поврзани со изградбата на центри за податоци вредни милијарди долари, област во која интензивното склучување зделки на Хуанг предизвикувало загриженост на Волстрит. Еден инвеститор ја опишува Крес како многу поконзервативна и не очекува да одвојува исти суми за компаниите во рана фаза.
Последиците би можеле да се прелеат и врз вложувањата на други фондови. Според еден инвеститор во ризичен капитал, инфраструктурни компании на кои им биле потребни графички процесори вредни од 100 милиони до 500 милиони долари често добивале половина од потребната сума од „Nvidia“ уште за почеток, при вреднувања од најмалку една милијарда долари. Учеството на „Nvidia“ им давало сигурност на другите инвеститори да вложуваат по тие високи вреднувања.
Инвеститорите сега очекуваат „Nvidia“ повнимателно да избира нови компании и да вложува помали суми во постојното портфолио, што би придонело за пад на вреднувањата. Падвал вели дека другите вложувачи се чувствувале безбедно кога „Nvidia“ била меѓу акционерите. Без таа поддршка, според соговорниците на „TechCrunch“, традиционалните фондови за ризичен капитал би можеле да се двоумат или да одложат одредени зделки.
Тешкотијата да се заменат овие пари произлегува и од видот на проектите што ги поддржуваше компанијата. Најголемите вложувања на „Nvidia“ беа во специјализирани облачни провајдери, компании што обезбедуваат извршување на модели со ВИ и модели со јавно достапни тежини, односно параметри. Развојот на таквите системи е скап за малите компании. Заин Џавид, соосновач на хардверската компанија „Ghost“, смета дека иницијативите на Хуанг се важна причина што, и покрај тие трошоци, се развила цела мрежа од вакви компании.
Меѓу примерите се „CoreWeave“, која „Nvidia“ ја поддржа додека беше приватна компанија, и „Crusoe“, во чии две инвестициски рунди учествуваше, вклучително и рундата од серијата Е вредна 1,4 милијарди долари. „Nvidia“ има вложувања и во „Mistral AI“, „Lambda“ и „Black Forest Labs“. Годинава договори и преземање на „Hugging Face“ за околу 13 милијарди долари, со очекувано завршување во 2027 година.
Уште еден показател за преземениот ризик е „Reflection AI“. Според „Wall Street Journal“, на кој се повикува „TechCrunch“, „Nvidia“ лани вложила 800 милиони долари во рунда од серијата Б вредна две милијарди долари, пред стартапот за модели со отворен код да почне да остварува позначајни приходи.
Шамила Банкија од „Dawn Capital“ ја опишува поддршката на „Nvidia“ како присутна речиси низ целиот спектар на стартапи засновани врз ВИ, од апликации до облачна инфраструктура. Според неа, Хуанг силно верувал во отворениот код и во Европа. Таа предупредува дека евентуално запирање на поддршката надвор од Америка, особено во Европа, би оставило огромен недостиг од финансии и поддршка за секторот што никој не би можел да го надомести.
Помалите вложувања, сепак, би можеле да отворат простор за конкуренцијата. Во анализата на „TechCrunch“ се посочува дека големите инвестиции на „Nvidia“ ги врзувале стартапите за нејзините чипови и ја зацврстувале нејзината пазарна доминација, која на моменти наликувала на монопол. Некои инвеститори се надеваат дека големите облачни компании и другите производители на чипови ќе пополнат дел од празнината. „Google“ оваа недела најави два нови чипа.
Дармеш Такер, партнер во „Battery Ventures“, очекува големите технолошки ривали да се натпреваруваат за инвестициското водство, зависно од производите, мрежата на компании и заедницата на развивачи, како и финансиската моќ што можат да ги понудат. Важен дел од тој натпревар е алтернативата на „CUDA“, софтверската платформа на „Nvidia“ што им овозможува на развивачите да извршуваат модели со ВИ на нејзините графички процесори.
Такер смета дека „Google“, „Amazon“, „Microsoft“ и „AMD“ би можеле да поддржат позрели стартапи за да ја поттикнат употребата на своите чипови и облачни услуги. Но се сомнева дека ќе вложуваат стотици милиони долари во инфраструктурни стартапи без приходи, како што правеше „Nvidia“.
И покрај загриженоста, малкумина од соговорниците веруваат дека забавувањето на вложувањата на „Nvidia“ само по себе ќе го запре поширокиот подем на вештачката интелигенција. Амулја Вишванат, поранешна вработена кај Хуанг која сега води сопствен фонд за ризичен капитал, нагласува дека основачите и лидерите мора да сносат одговорност, но и дека секторот е поголем од еден човек и талентите мора да продолжат да се развиваат.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.