Опсегот на дозволените мерки оди и подалеку од дигиталните системи. Ако е неопходно, БНД ќе може да уништува и физичко оружје, како дронови што би можеле да бидат употребени против Германија.
Под одредени услови, службите ќе смеат и тајно да влегуваат во домови и деловни простории, на пример за подготовка на операции за надзор. Нема да смеат да употребуваат сила врз луѓе. За контрола на нивното работење треба да се формира независно надзорно тело.
Плановите на министерот за внатрешни работи Александар Добринт беа усвоени со гласовите на владејачката коалиција на Христијанско-демократската унија и Христијанско-социјалната унија (ЦДУ/ЦСУ) и Социјалдемократската партија (СПД). Опозициски пратеници што се занимаваат со внатрешна политика предупредија дека на службите им се даваат прешироки овластувања.
Добринт, кој доаѓа од десноцентристичката ЦСУ, се залага за активна одбрана од сајбернапади. Според него, напаѓачите мора да знаат дека Германија е подготвена да возврати и дека нивната дигитална инфраструктура, серверите и софтверот исто така можат да станат цели.
Претседателот на Сојузната криминалистичка служба (БКА), Холгер Минх, ја поддржува таа определба. На годишната конференција на БКА во Берлин оваа недела, тој оцени дека хибридните напади се нов предизвик за безбедносните институции и за принципот на одвоеност: полицијата спроведува истраги, а разузнавачките служби собираат информации, при што размената на податоци меѓу нив е дозволена само под строги услови.
Минх подолго време бара проширени полициски овластувања и поблиска соработка со Службата за заштита на уставот, домашната разузнавачка агенција задолжена за спротивставување на шпионажата и саботажите. Според него, границата меѓу криминалните групи и актерите поддржани од држави станува сѐ понејасна, поради што полицијата и разузнавачите се соочуваат со истиот предизвик.
Институционалната одвоеност е воведена како поука од нацистичката диктатура. Тајната државна полиција Гестапо дејствувала во голема мера надвор од судските ограничувања и била централен инструмент на режимскиот терор, прогонувајќи и убивајќи Евреи, Синти и Роми, хомосексуалци, комунисти, социјалдемократи и други. По поразот на нацистичка Германија во Втората светска војна, сојузничките сили одлучиле полицијата и разузнавачките служби да останат одделни институции со различни овластувања.
Историчарот Зенке Најцел од Универзитетот во Потсдам смета дека тој принцип е разбирлив во историскиот контекст, но денес е бесмислен со оглед на заканите. На есенската конференција на БКА тој оцени дека таквата поделба веќе не е потребна во земја што со децении е уставна демократија.
Добринт, пак, сака да ја зачува суштината на принципот и смета дека пообемната размена на податоци не го нарушува. Истовремено, неговата цел е Службата за заштита на уставот и БНД, задолжена за разузнавање во странство, да добијат посилна оперативна улога.
Како показател за размерот на заканата, Минх наведе дека во првите шест месеци од 2026 година криминалот што потекнува од странство пораснал за 24 отсто во споредба со истиот период претходната година, а се расветлуваат помалку од пет отсто од тие случаи. Тој предупреди дека ваквиот тренд може да го разниша државното ветување за безбедност и оцени дека опаѓа довербата во способноста на институциите да дејствуваат ефикасно и одлучно.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.