Според Комисијата, за приемот ќе бидат потребни одредени подобрувања во административниот капацитет и спроведувањето. Таа предлага премин од едногласно одлучување кон квалификувано мнозинство во клучни области, вклучително и при отворањето на преговарачките кластери. Предлага и поефикасно водење на постапките според членот 7, со можни временски рокови. Тие постапки предвидуваат можност за суспензија на одредени права на земја членка при сериозно кршење на основните вредности на ЕУ. Годишните извештаи за проширувањето и владеењето на правото ќе останат главни алатки за следење.
Мерките предвидуваат можности за подлабока интеграција на кандидатските земји во енергетиката, транспортот, дигиталниот сектор и одбраната, како и годишни дијалози со партнерите за следење на напредокот и утврдување пречки. Комисијата предлага посилни заштити во идните договори за пристапување, за обврските преземени во преговорите да продолжат да се почитуваат и по пристапувањето. Посебна институционална заштита би се однесувала на сериозни прекршувања на основните вредности од членот 2 на Договорот за ЕУ и на принципот на искрена соработка. Во најсериозните случаи мерките би можеле да вклучат суспензија на правото на глас во Советот.
Кога е потребно, би можеле да се применат и преодни решенија за слободното движење на работници и услуги, земјоделството, чувствителните производи, финансирањето и учеството во заедничките системи на ЕУ. Комисијата ги повикува Европскиот совет и Европскиот парламент да ги унапредат разговорите и институционалните подготовки. Ќе работи и со земјите членки и кандидатките за усогласување на преговорите за пристапување со внатрешните подготовки на Унијата, а ќе претстави патокази за Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.