Според извештај на израелскиот државен контролор од февруари 2025 година, околу 39% од јавноста пријавиле умерени или тешки посттрауматски симптоми, депресија, анксиозност или нивна комбинација. Тоа се околу три милиони луѓе, од кои 600 илјади би можеле да имаат тешки симптоми. Истовремено, извештајот утврдил дека бројот на лица што добиваат третман за менталното здравје пораснал само за 1% од 7 октомври 2023 година, односно за околу 60 илјади луѓе.
Меѓу засегнатите се преживеаните од нападите и луѓето евакуирани од своите домови во северен и јужен Израел поради војната. Според извештајот, за третман во јавниот здравствен систем се чекало повеќе од шест месеци. Истражувачката Нога Даган-Бузагло од центарот „Адва“ за Дојче веле вели дека некои пациенти чекале и повеќе од една година.
Даган-Бузагло оценува дека зголемувањето на буџетот било премало и дошло предоцна, а здравствениот систем веќе бил во криза со која не се постапило соодветно. Како главни пречки за привлекување кадар ги посочува пониските плати во однос на приватниот сектор и преголемиот обем на работа.
Израелското Министерство за здравство наведува дека ги зголемило финансирањето и бројот на отворени работни места во јавниот систем за ментално здравје. Сепак, недостигот од кадар продолжува, особено во крајните северни и јужни региони.
Оптоварени се и самите терапевти. Истражување на Универзитетот во Хаифа утврдило дека 84% од терапевтите што работеле со лица погодени од нападите покажувале трауматски симптоми, а околу 45% изјавиле дека се психички исцрпени.
Статистиката објавена од израелскиот парламент и војската покажува пораст на самоубиствата кај резервистите, од најмногу еден случај годишно во шесте години пред војната на 11 случаи во 2024 година. Во 2025 година, девет случаи се истражувале како сомнителни самоубиства. Овие податоци не ги вклучуваат поранешните војници што починале од самоубиство поради траума по завршувањето на службата.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.