За почетниот пристап, корисниците мора да имаат најмалку 18 години и картичка „Visa“, „Mastercard“ или „American Express“ издадена во САД. Според „OpenAI“, пред да се изврши плаќањето, тие можат да ги прегледаат избраните производи, вкупниот износ и картичката што ќе биде задолжена. Купувањето го потврдуваат со безбедносна проверка, како „Face ID“ или отпечаток од прст, со што се создава и запис за трансакцијата.
Користењето почнува со додавање соодветна платежна картичка во „ChatGPT Wallet“, по што корисникот му бара на својот агент помош за купување. Податоците се внесуваат еднаш, наместо при секоја нарачка. При наплатата се користи платежен токен, односно замена за вистинските податоци од картичката, така што тие не се споделуваат ниту со агентот ниту со трговецот.
Трговецот автоматски ќе ги добие од агентот информациите потребни за исполнување на нарачката, како адресата за испорака и податоците за контакт, велат од „OpenAI“. Компанијата наведува дека купувачите и натаму ќе можат да ги користат наградните поволности на своите картички и вообичаените заштитни механизми, вклучително и можноста да оспорат трансакција.
Ограниченото воведување треба да ѝ овозможи на компанијата да ја тестира и да ја подобри функцијата пред поширока достапност. За понатаму, „OpenAI“ планира поставување лимити за трошење и правила според категории на производи или временски периоди. Со такви правила корисниците би можеле однапред да одобрат одредени купувања, кои агентот потоа би ги извршувал посамостојно.
Новата функција доаѓа во период кога компаниите бараат практична примена на вештачката интелигенција во секојдневните задачи, но досегашното користење за купување е нерамномерно. „DoorDash“ и „Uber“ пријавиле мал број нарачки преку агенти. Наспроти тоа, кај „Muse“ на Мета, кој има повеќе од 10 милиони корисници, купувањето со помош на вештачка интелигенција е меѓу водечките активности. И други лични агенти, како „Instinct“, веќе поддржуваат купување во име на корисниците.
„OpenAI“ сака да ја прошири и мрежата на трговци што ја поддржуваат услугата. Пречка се продавниците што го блокираат пристапот на агенти до своите страници. Меѓу нив е и Амазон, кој настојува да ги насочи корисниците кон сопствениот агент „Alexa“.
За трговците што сакаат да поддржат купување преку агенти, „OpenAI“ објави и „Commerce Partner Playbook“, со алатки и насоки за приспособување на нивните страници.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.