Демири доби едногласна поддршка од присутните членови на изборното собрание на огранката. На негов предлог, собранието го изгласа и новиот состав на претседателството.
Новата функција Демири ја опиша како одговорност да ги обнови локалните структури и да придонесе Гостивар и Македонија да бидат подобро место за Албанците и за граѓаните воопшто. Тој повика сите да работат за земјата и за новите генерации, за тие да не го гледаат иселувањето како излез, туку да го градат животот дома.
На собранието присуствуваше и претседателот на Лидхја Шќиптаре, Зијадин Села, кој критикуваше неименувани политички актери во Гостивар дека политиката ја гледаат како трансфери на фудбалери. Според него, тие себеси се нарекуваат играчи, а новинарите ги следат за да ги прашаат каде ќе биде нивниот следен трансфер.
Села порача дека Лидхја Шќиптаре денес, како и Алијанса за Албанците во периодот кога тој ја предводел, ги брани националната кауза, правата и еднаквоста на Албанците во државата. Тој рече дека нивната цел не се владини фотелји, туку држава еднаква за сите.
Гостиварската огранка Села ја оцени како една од најсилните во партијата низ годините. На собранието присуствуваа и претседателот на партиското собрание, пратеникот Елми Азири, како и други членови на централното претседателство.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.