Обраќајќи им се на Мицкоски, Тошковски и Савески, Тренчевска тврдеше дека имало родители кои сугерирале тој да се ослободи од одговорност и делото да се заташка, како и обвинител кој не постапил. Побара одговорност за сите што ги посочи како соучесници во прикривањето.
Барањето го прошири и на институциите и поединците кои, според неа, потфрлиле во постапувањето по случајот. Побара одговорност за пропустите и санкции за МВР, обвинителството и судот.
Во име на пратеничката група на СДСМ и коалиционите партнери, Тренчевска побара итно донесување на заклучоците од надзорната расправа. Тие, според нејзиното барање, треба да ги задолжуваат институциите да постапуваат, наместо да останат на укажувања и препораки, со цел системот да биде функционален.
Таа побара и измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените итно да се стават на дневен ред, тврдејќи дека стојат во фиока од август. Дополнително, побара итна седница на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, со присуство на Тошковски и Савески.
Тренчевска порача дека жените нема да молчат и ќе се спротивстават на насилството. „Нема да прифатиме во Македонија жените да живеат во страв, а насилниците да се чувствуваат недопирливи“, рече таа.






Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.