Во делегацијата се пратениците Никола Мицевски, Мевмед Џафери, Фатмир Битиќи, Мерита Колчи-Коџаџику и Бејџан Иљас. На средбата со претседателот на турската група, Ахмет Килич, и членовите на нејзиниот извршен одбор, беа разгледани можностите за интензивирање на соработката меѓу двете пратенички групи. Соговорниците потврдија заедничка определба за продолжување на редовниот дијалог и одржување на динамиката на парламентарните контакти.
Во пошироките разговори стана збор за можностите за зголемување на трговската размена и турските инвестиции во Македонија, како и за соработка во образованието, правдата, културата, туризмот, безбедноста и одбраната. Беше нагласена и важноста на координацијата и меѓусебната поддршка во НАТО и мултилатералните парламентарни организации, меѓу кои Интерпарламентарната унија, парламентарните собранија на ОБСЕ и НАТО и Процесот за соработка во Југоисточна Европа.
Во Анкара делегацијата го посети мавзолејот на Мустафа Кемал Ататурк и положи венец, а присуствуваше и на дел од пленарната седница на Големото турско национално собрание. Посетата продолжува во Истанбул, каде што се предвидени средби со гувернерот на градот, ректорот на Истанбулскиот универзитет и стопанственици.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.