Апасиев го опишува универзитетот како автономен простор што, според него, треба да биде заштитен од чиновничкиот дух на бирократијата. Тој смета дека ректорите треба да имаат водечка улога, а студентите се суштината на универзитетот.
Во објавата се осврнува и на говорот на Мигел де Унамуно, кого го нарекува „Баскискиот Сократ“ и свој омилен ректор. Според Апасиев, говорот бил одржан на 12 октомври 1936 година на Универзитетот во Саламанка, во времето на Франковиот режим во Шпанија. Тој наведува дека потоа Унамуно бил ставен во куќен притвор и починал таму по нецели два месеца.
Апасиев пишува дека во аулата тогаш настанал стравотен молк и тврди дека дотогаш во фашистичка Шпанија не бил одржан таков говор на јавно место.
Во делот од говорот што го пренесува Апасиев, Унамуно го нарекува универзитетот храм на интелигенцијата, а себеси негов врховен свештеник. Тој вели дека оние на кои им се обраќа ги осквернавиле неговите свети ѕидови и дека можеби ќе победат поради поголемата брутална сила, но нема да убедат никого без разум и право на своја страна.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.