Адили-Емини оценила дека заминувањето на младите и квалификуваните професионалци не е само демографски предизвик, туку влијае и врз економскиот развој, пазарот на трудот, здравствениот систем и иднината на општеството. Таа смета дека младите треба да бидат активни учесници во обликувањето на иднината, а не само корисници на јавните политики.
Меѓу предлозите се подобро поврзување на образовните институции со пазарот на трудот и создавање реални можности за професионален развој на младите. За задржување на лекарите, медицинските сестри и другиот здравствен кадар, Адили-Емини се залага за подобри услови за работа, достоинствени плати и можности за напредување, особено во руралните и помалку развиените подрачја.
Таа предложила вложување во современи технолошки вештини и вештачка интелигенција, со цел младите да бидат конкурентни и на меѓународниот пазар на трудот без да бидат принудени да го напуштат родното место. Предложила и премин од одлив на мозоци кон враќање и циркулација на знаењето, со вклучување на професионалците што работат во странство во економскиот, научниот и општествениот развој на Македонија.
Адили-Емини рекла дека справувањето со овие предизвици е долгорочен приоритет за Македонија, вклучен и во Националната стратегија за развој 2024–2044, усвоена од Собранието во октомври 2024 година. Задржувањето на човечкиот капитал, според неа, е поврзано не само со миграцијата, туку и со економскиот развој, одржливоста на здравствениот систем и иднината на младите генерации.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.