Манасков раскажа дека во недела, кога дошол да пазари, дел од продавачите му се пожалиле на нехигиена и на лошата состојба на тоалетите. Одржувањето го оцени како неодговорно, посочувајќи дека пазарот бил пуштен во употреба пред три години.
Од директорот Наунчев побара одговор дали има контрола врз работењето на претпријатието, дали постојат служби задолжени за хигиена и кој проверува дали тие ја извршуваат работата.
Покрај хигиената, Манасков посочи и на вода што, според него, тече без престан. Тој наведе дека „Дервен“ ја купува водата од ЈПВ „Лисиче“ и ја преработува во фабриката за вода, за потоа таа да истекува во канализацијата. Обвини дека граѓаните ги покриваат загубите од, како што го нарече, недомаќинското работење преку зголемени сметки, додека на седниците на Советот на општината се нудат оправдувања за загубите на вода и се бара разбирање од граѓаните.
Обраќајќи му се на Колев, Манасков потсети дека при промоцијата на новиот пазар тој зборувал за комфор, безбедност, заштита и подобри услови за земјоделците, продавачите на храна и сите корисници. Според Манасков, Колев тогаш посочувал и дека објектот е финансиран со кредит од Светска банка од 40 милиони денари, кој граѓаните ќе го отплаќаат во наредните години.
Манасков оцени дека граѓаните за отплатата на кредитот добиваат запуштен објект и го праша Колев дали неговата одговорност завршува со свеченото отворање, наместо да продолжи со одржувањето. Го обвини и дека го штити Наунчев, поставувајќи го прашањето дали политичката заштита е поважна од одговорноста на директорот. Побара Велес да има функционален и добро одржуван пазар како место каде што се продава и купува храна.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.