Едно од клучните прашања што го отвора Мециновиќ е зошто државата не го оспособува ЕСМ Продажба за активен настап на пазарот и за понуда на поконкурентни услови за граѓаните. Според него, се создава модел во кој јавниот сектор ги презема загубите, задолжувањето и ризикот, а приватниот капитал сигурните приходи и профитите.
Левица оценува дека државата треба да има силни енергетски компании што можат да настапуваат на пазарот, да создаваат приходи и да обезбедуваат поголема енергетска сигурност. Партијата тврди дека јавните претпријатија се оставаат да се задолжуваат и финансиски да ослабуваат, со што расте зависноста од приватни субјекти.
Интерпелацијата го опфаќа и рударството и доделувањето концесии. Во објавата се наведува дека жителите на Струмичкиот регион, Босилово, Ново Село и околните места повеќе од една деценија се спротивставуваат на отворање рударски капацитети во нивната непосредна околина. И покрај противењето, државните институции продолжуваат со политики за кои Левица оценува дека не го ставаат јавниот интерес на граѓаните во центарот.
Левица ги проблематизира условите под кои се поставени концесиите, јавниот приход од експлоатацијата на природните ресурси и тоа кој го презема ризикот од последиците. Мециновиќ порача дека природните ресурси не можат да се третираат како приватна сопственост, а гласот на граѓаните да се игнорира. Тој оцени и дека државата не смее да се откажува од економските инструменти и природните ресурси додека граѓаните ги преземаат трошоците и ризиците.
Целта на интерпелацијата, според објавата, е во Собранието да се отвори расправа за работата на Министерството, состојбата и иднината на ЕСМ, енергетската политика и доделувањето и реализацијата на рударските концесии. Левица бара одговорност за политиките за кои тврди дека го ослабуваат јавниот сектор и го потиснуваат гласот на локалното население.






Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.