Со таквиот модел студентите би добивале и дополнителни попусти кај вклучените маркети и угостителски објекти. Конески оцени дека решението треба подобро да одговори на нивните реални потреби.
Според него, во директните разговори со студентите најчесто се отвораат прашањата дали можат да си дозволат електронски уред за следење на наставата и истражување, дали имаат поддршка за оброк и можност за стипендија, како и дали условите во домовите овозможуваат достоинствен живот. Меѓу секојдневните грижи го вброи и трошокот за превоз до факултет.
Во тој контекст ги посочи поддршката за електронски уреди, субвенционираниот студентски оброк, стипендиите, инвестициите во студентските домови, бесплатниот превоз и пристапот до меѓународни научни бази. Заедничката цел на овие мерки, рече Конески, е студентите да имаат подобри услови за да го претворат знаењето во можност. Покрај квалитетно образование, технологија и простор за истражување, смета дека им е потребно и препознавање на нивниот труд и потенцијал.
Конески порача дека студентите треба да учествуваат во создавањето на политиките за младите, а не само да бидат нивни корисници. Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, според него, се гледа како нивен партнер, а не како организација што би зборувала во нивно име без да ги слушне. Наведе дека преку директни разговори ги слушаат студентските проблеми и предлози, со намера добрите идеи да ги претворат во иницијативи.
Студентските години ги опиша како период во кој, покрај знаењето, се оформуваат ставови, пријателства, амбиции и идеи за сопствениот живот и општеството. Универзитетот, според Конески, не е само место за полагање испити, туку и простор за соочување со различни мислења, аргументирање, слушање на другиот и преиспитување на сопствените ставови.
Честитајќи им го празникот, им посака на студентите да ја задржат љубопитноста, храброста да поставуваат прашања и слободата да создаваат сопствени одговори. Нагласи дека младите веќе учат, истражуваат, предлагаат и преземаат одговорност, па треба да добијат услови за реализација на својот потенцијал.






Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.