Филипче го посочи и брзиот ребаланс што му претходел на новиот буџет како доказ за лошото водење на економијата. Според него, развојна компонента немало ниту досега, а „60% од сумата за капитални инвестиции оди за враќање на камати на долговите“.
Критиките за платите ги придружи со тврдењето дека ни три минимални плати не се доволни за потрошувачката кошничка. Тој рече дека храната е скапа и дека граѓаните сѐ помалку можат да си дозволат, а врз основа на трендовите во последниот период предвиде и поскапување на струјата.
Економските политики на Христијан Мицкоски ги оцени како целосен дебакл, обвинувајќи ја Владата дека нема ниту желба, ниту знаење и капацитет да се справи со кризата. Последиците за граѓаните ги опиша како празни паричници и празни фрижидери.
Филипче предупреди дека продолжувањето на ваквото водење на економијата ќе ја турне државата во економска, социјална и сериозна должничка криза. За неколку години, според неговото предупредување, Македонија би се соочила со „грчкото сценарио“: скапите кредити да бидат единствен извор за исплата на тековните расходи, платите, пензиите и обврските кон стопанството.






Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.