Во објавата партијата се осврна на референдумот одржан на 30 септември 2018 година, оценувајќи го како голема референдумска победа и порака од граѓаните против Преспанскиот договор.
Националниот блок „Македонија-Бојкотира“, предводен од Единствена Македонија, водел кампања за бојкот на референдумот. Според партијата, во блокот биле обединети таа и 83 македонски здруженија од земјата и странство. Наспроти кампањата за бојкот, тогашната влада предводена од Зоран Заев ја користела пораката „Излези за Европска Македонија“.
Партијата го толкува резултатот од бојкотот како порака дека „македонскиот народ и поголем дел од државјаните не сакаат промена на светото македонско име“. Таа тврди и дека тогашната власт ја погазила референдумската волја со спроведувањето на промената на уставното име.
Единствена Македонија повторно го оценува Преспанскиот договор како „капитулантски и штетен за Македонија и Македонците“. Партијата дополнително тврди дека договорот е ништовен од меѓународно-правен аспект, повикувајќи се на три правни основи од Виенската конвенција за правото на договорите.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.