Во гостувањето во „Само интервју“ на Канал 5, Димитриевски рече дека ЗНАМ останува во Владата сѐ додека се почитуваат договорените коалициски принципи. Нагласи дека партијата нема да прифати решенија кои, според него, го усложнуваат правниот систем и го доведуваат во прашање уставниот поредок.
Предлогот на министерот Шасивари го оцени како хибридно решение, а триумфализмот како неоснован. Според Димитриевски, Владата нема донесено одлука, туку предлогот е испратен на мислење во Венецијанската комисија.
„Согласно Уставот и постојниот закон, не постои можност правосудниот испит да се полага на албански јазик“, истакна Димитриевски. Заштитата на правниот поредок, легализмот и почитувањето на Уставот ги наведе како принципи од кои ЗНАМ нема да отстапи.
Објаснувајќи го својот став, тој посочи дека право на полагање имаат дипломирани правници со една или две години работен стаж на правни работи, а не студенти. Според него, прецизното разбирање на правната терминологија и познавањето на официјалниот македонски јазик се од клучно значење во правосудниот систем.
Димитриевски нагласи дека ЗНАМ не учествувал во каков било политички договор за ова прашање. Од најавената лидерска средба во декември очекува партијата да биде активно консултирана, наместо само дополнително информирана.
Соработката со ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски ја оцени како конструктивна и одлична. Истовремено, ги отфрли обвинувањата на СДСМ дека ЗНАМ создава вештачка политичка криза за да предизвика предвремени избори, нагласувајќи дека одлуката за избори е во надлежност на премиерот.
За барањата на ДУИ во врска со правосудниот испит, Димитриевски оцени дека повторно отвораат прашања што веќе биле предмет на политички расправи. На моноетничките политички партии им порача дека мора да ги почитуваат законите и институциите на државата.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.