Меѓу предложените промени се закон за работата на Уставниот суд и утврдување кривична одговорност за коруптивни одлуки. Демократскиот сојуз бара и поголема транспарентност на судовите, како и преиспитување на законските можности за спогодување со обвинетите за корупција, за тие да не се користат за избегнување соодветна одговорност.
Во истиот пакет правосудни барања, партијата се залага новиот Кривичен законик да се усогласи со релевантните директиви на Европската Унија, особено за кривичната одговорност за високата корупција и за конфискацијата на имот стекнат со криминал.
За борба против криминалот и високата корупција, Демократскиот сојуз предлага закон за борба против тешките облици на криминал, целосна департизација на институциите и независен институционален механизам без влијание од политичките и бизнис-елитите. Партијата најави дека дел од прашањата ќе ги иницира преку собраниските механизми, меѓу нив и донесувањето на овој закон.
Покрај правосудството, партијата бара реформи со кои здравството и образованието би биле јавни системи достапни под еднакви услови за сите граѓани. Во здравството се залага за еднаков пристап до квалитетни услуги, а во образованието и за затворање на високообразовните установи што не ги исполнуваат академските стандарди и издаваат дипломи без соодветно исполнети студиски обврски и положени испити.
За младите, Демократскиот сојуз бара долгорочна стратегија што ќе понуди можности за решавање на станбеното прашање, започнување сопствен бизнис и професионален развој во државата, со цел да имаат перспектива да живеат и да создаваат во Македонија.
На проширената седница, Претседателството расправаше и за геополитичките и безбедносните состојби, протестите во повеќе европски држави и нивниот одраз во Македонија, како и за државните предизвици и новите партиски програмски приоритети. Според анализите што ги изнесува партијата, меѓу основните причини за протестите се високата корупција, нефункционалните образовни и здравствени системи, неправедната распределба на доходот, сиромаштијата, ограничените можности младите да дојдат до сопствен дом и незадоволството од миграциските политики.
Демократскиот сојуз смета дека се потребни темелна анализа на причините за тоа општествено незадоволство и јасно дефинирање на националните приоритети и развојните политики. Бара програмата и политиките на Владата да се приспособат на новите глобални и европски предизвици и промени.
За деблокирање на евроинтеграциите, партијата се залага за дополнителни напори и поширок политички и граѓански консензус за клучните национални и државни интереси. Во таа насока бара заеднички настап и единство пред Европската комисија за забрзано движење на Македонија кон полноправно членство во ЕУ.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.