Предавањето, на покана на Институтот за безбедност, одбрана и мир, било наменето за студентите и професорите. Тошковски зборувал и за примената на современи технологии во полициското работење и нивната улога во безбедноста и кризниот менаџмент.
Тошковски се осврнал на обновувањето и развојот на Полициската академија и повторното воспоставување на средното полициско образование. Концептот на Академијата опфаќа средно полициско образование, континуирани обуки и усовршување на полициските службеници, како и развој на регионален центар за обука. Веќе е воспоставена соработка со полициски академии од повеќе држави за размена на искуства, знаења и современи методи.
МВР ќе може директно да ангажира најдобри дипломирани студенти од државните високообразовни институции, согласно кадровските потреби, а факултетите ќе учествуваат во изборот. Се подготвуваат договори со Факултетот за безбедност во Битола и Универзитетот во Тетово, додека соработката со Институтот за безбедност, одбрана и мир е договорена. Предвидено е годишно да се ангажира најмалку еден од најдобрите дипломирани студенти од секоја институција со која МВР ќе склучи договор, со можност за повеќе ангажмани според потребите.
Тошковски зборувал и за плановите за воспоставување интервентна полиција на целата територија на државата, по примерот на резултатите што ги постигнува Интервентната полиција во Скопје. Целта е побрзо, поефикасно и координирано постапување, особено во борбата против криминалот, уличната продажба и нелегалната трговија со дрога.
За дигитализацијата во МВР, Тошковски се осврнал на електронската обработка на податоци и дигиталните решенија во административното и полициското работење. Целите се поедноставни процедури, подобра поврзаност на системите и поквалитетни услуги за граѓаните.
Говорејќи за „Безбеден град“, Тошковски оценил дека автоматизираниот систем за контрола на сообраќајот, заедно со засилените полициски контроли, превентивните активности и поголемата одговорност на граѓаните, придонесува за подобрување на сообраќајната безбедност и намалување на бројот на загинати и повредени. Тој нагласил дека целта е и поголемо почитување на правилата и спасување човечки животи.
МВР е меѓу петте селектирани институции за потенцијална награда на светскиот полициски самит во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати, за резултатите во сообраќајната безбедност и проектот „Безбеден град“.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.