Во дуалното образование учениците ги применуваат теоретските знаења и развиваат вештини во реална работна средина. За практичното учење е потребен ментор што ќе работи со нив, а со верификацијата на работодавачот се потврдува дека се исполнети просторните, работните и безбедносните услови и дека има соодветна опрема, машини и алати.
Според програмата за обука што ја објави Комората, таа е наменета за кадарот кај работодавачите што ќе ги води учениците низ практичната работа. Опфаќа планирање на обуката, следење и оценување на учениците, создавање безбедна работна средина и работа со ученици со различна попреченост.
Сертификатот потврдува успешно завршена стручно-дидактичка обука, а го издаваат Комората и Центарот за развој на стручното образование. Во описот на програмата, Комората наведува дека сертифицираниот ментор е еден од критериумите за верификација на компанијата, која започнува по сертификацијата на менторот.
Според Комората, потврда за исполнети услови досега добиле, меѓу другите, „Магна мекатроникс“ од Штип, Центарот за јавно здравје и ЈКП „Водовод“ од Кочани, Агенцијата за катастар на недвижнини од Скопје, како и подружниците на Електрани на Северна Македонија РЕК Битола и РЕК Осломеј во Кичево.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.