Нацртот за кривичната постапка предвидува решенија за конфискација, правата и заштитата на жртвите, електронските докази, посебните истражни мерки и финансиските истраги. Опфатени се и увидот во списите, рочиштата, изведувањето докази на далечина, постапувањето по обвинителен акт и правните лекови.
Работната група ја заврши подготовката на нацртот за кривичната постапка во октомври 2026 година. Во него се предвидува усогласување со 25 најнови релевантни директиви и стандарди на Европската Унија. Министерството наведува дека предложените решенија треба да придонесат за поефикасни истраги и судски постапки и посоодветна заштита на жртвите.
Подготовката на новиот Кривичен законик започна во 2019 година, а работната група од 2020 до 2026 година ја предводеше академик Владо Камбовски. Нацрт-текстот беше објавен на ЕНЕР во јули 2022 година и доставен до институции и организации. Во консултациите беа разгледани повеќе од 50 мислења и предлози, а во текстот се вградени 33 релевантни директиви на ЕУ.
Нацртот за кривичната постапка го подготвуваше работна група од 25 членови, формирана во 2021 година и предводена од професорката Гордана Лажетиќ. Според Министерството, двата текста се дел од реформските обврски во процесот на европска интеграција и се подготвувале со учество на претставници на правосудството, академската заедница, институциите и граѓанскиот сектор.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.