Во селото Магарево, битолско, на 3 октомври во 11 часот и 40 минути биле пријавени пронајдени две артилериски гранати и една рачна бомба. Пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување во Битола безбедно ги подигнал гранатите, а било утврдено дека тие и бомбата потекнуваат од Првата светска војна.
Во радовишко село на 3 октомври во 19 часот бил приведен 39-годишен жител по пријава дека физички ја нападнал својата 37-годишна сопруга. Тој бил задржан во Полициската станица Радовиш, јавен обвинител бил известен, а соодветна пријава ќе следува по целосното документирање. Во Битола, истиот ден во 8 часот и 30 минути, бил приведен И.Б. (33). Според полицискиот билтен, тој и едно женско лице ги попречувале полицајците при постапување поврзано со семејно насилство, а И.Б. потоа физички ги нападнал службениците.
Во Скопје бил приведен Б.Ц. (58), по претходна пријава дека околу 12 часот во семејниот дом во Ѓорче Петров физички ја нападнал својата 29-годишна ќерка. Приведувањето било на 3 октомври во 13 часот, а пријава ќе следува по документирањето. Истиот ден во Гази Баба била пријавена физичка пресметка меѓу 31-годишен маж и неговата 33-годишна сопруга, по недоразбирање околу нивната малолетна ќерка. Пријавата била поднесена во 16 часот и 25 минути, а по документирањето ќе следуваат соодветни поднесоци.
Тројца жители на Скопје на 3 октомври во 12 часот и 40 минути пријавиле дека претходната вечер, на 2 октомври во 22 часот и 15 минути, нивните малолетни деца и нивни другари биле физички нападнати од четворица малолетници во училишен двор во Ѓорче Петров. Според пријавата, еден од нив носел остар предмет. Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Во Скопје на 3 октомври во 22 часот и 40 минути биле приведени М.С. (39) и Б.Н. (32), по пријава дека тие и Х.Д. (26) учествувале во физичка пресметка пред угостителски објект. Кај приведените биле пронајдени и одземени два ножа. Во село Марино, скопско, на 3 октомври во 21 часот и 40 минути биле приведени А.Т. (44) и С.А. (48) по пријава за меѓусебна пресметка во спортска обложувалница. На 4 октомври во 00 часот и 30 минути биле приведени и двајца 16-годишници од Скопје по пријава за физичка пресметка во угостителски објект во Центар. По целосно документирање на овие случаи ќе следуваат соодветни поднесоци.
Пожар во стан на улицата „50 Дивизија“ во Скопје бил пријавен на 3 октомври во 16 часот и 20 минути и бил изгаснат од скопската противпожарна бригада. Еден пожарникар, поради вдишување чад, бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ за лекарска помош. Истиот ден, од ЈЗУ „Св. Наум Охридски“ било пријавено дека С.С. (44) бил донесен со тешки телесни повреди здобиени, според пријавеното, при работни задачи во правен субјект во Гази Баба. Бил известен трудов инспектор. Во Здуње, Н.Ј. (26) се повредил откако паднал од скеле додека работел во својот локал; случајот бил пријавен во 13 часот и 20 минути.
Во сообраќајната несреќа во Гостивар, пријавена на 3 октомври во 22 часот и 10 минути, учествувале два „голфа“, едно „бмв“ и паркиран „пасат“, сите од Гостивар. Двајца 14-годишни сопатници се здобиле со тешки повреди и од Ургентниот центар во Гостивар биле пренесени во скопскиот комплекс клиники. Телесни повреди добиле и двајцата возачи на „голфовите“ и уште двајца сопатници.
Во Штип на 4 октомври во 00 часот и 45 минути било пријавено дека 16-годишник со мопед изгубил контрола, удрил во паркиран „опел“ и паднал. Тој се здобил со тешки телесни повреди. Истиот ден во 5 часот и 10 минути било пријавено дека автомобил „фиат“ излетал од патот Делчево–Пехчево кај Тработивиште. Возачката, 23-годишна жителка на Делчево, се повредила и била пренесена во Клиничката болница во Штип.
Во ОВР Кичево на 2 октомври во 23 часот и 45 минути било пријавено дека во угостителски објект му бил послужен алкохол на малолетник од селото Србица, по што му се влошила здравствената состојба. Тој бил пренесен во Општата болница во Кичево. По целосното расветлување и документирање на случајот, против правниот субјект и одговорното лице ќе бидат поднесени соодветни пријави.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.