Документот, со официјален назив „National Youth Statement of North Macedonia“ 2026, е поврзан со локалната младинска конференција за климатски промени „LCOY North Macedonia“ 2026. Покрај еколошките проблеми, тој ја нагласува потребата од поголема институционална одговорност и активно учество на граѓаните во одлучувањето.
Посебен дел од младинските ставови се климатската и социјалната правда. Во тој контекст, документот става акцент на заштитата на локалните заедници и на одржливото управување со природните ресурси.
Поврзувањето на глобалните климатски процеси со националните политики е и една од целите на учеството на „Колектив Зет“. Организацијата се залага за посилна младинска климатска дипломатија и поголемо учество на младите во креирањето политики и одлуки што влијаат врз нивната иднина, продолжувајќи го ангажманот по претходните искуства од „COP30“ и „COY20“.
„COP31“, односно 31. Конференција на страните на Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени, се одржува од 9 до 20 ноември 2026 година во Анталија, Турција. Претставници на државите, меѓународните институции, научната заедница и граѓанскиот сектор разговараат за намалување на емисиите на стакленички гасови, приспособување кон климатските промени и финансиска поддршка за климатска акција.
Паралелно со конференцијата, од денес до 18 ноември во Анталија ќе се одржи и Народниот климатски самит („Peoples“’ „Climate Summit“). Тој ќе собере граѓански организации, активисти и општествени движења од различни делови на светот. Преку дискусии, работилници и јавни активности ќе се обработуваат климатската правда, заштитата на природните ресурси и праведната еколошка транзиција.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.