Настанот е организиран во пресрет на Светскиот ден на животните, под мотото „Не можат да зборуваат, но можат да сакаат“. Во претходна најава Стаменкоска-Трајкоска посочила дека го организираат заедно со ЈП „Лајка“.
Дневната програма почнува во 11 часот пред Домот на културата „Билјана Беличанец“. Посетителите ќе може бесплатно да добијат ветеринарни совети за здравјето на милениците, да следат демонстрации и шишање кучиња од професионални грумери, а најавени се и содржини од пет-шопови, игра, храна и награди. Ќе може и директно да се вдомат кучиња од стационарот на „Лајка“.
Од 19 часот, пред летното кино „Киноверзум“, е најавена проекција на македонскиот филм „Приказната за Силјан“. Милениците се добредојдени и на вечерниот настан.
Стаменкоска-Трајкоска утрото гостувала во емисијата „Ја сакам Македонија“ на Сител заедно со директорот на ЈП „Лајка“, Војислав Димитровски. Се вклучиле од паркот „Македонија“.
Во парк „Македонија“ ќе може да се вдомуваат бездомни кучиња






Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.